Креативен ден 2025 – под знакот на Ориентот

На 28.05.2025 во Народниот театар Битола се одржа четвртиот по ред “Креативен ден 2025“ во организација на нашето училиште како и други стручни училишта во државата во соработка со познати модни креатори.

Манифестацијата беше обединета под една јасна мисија – враќање на довербата во стручното образование, поддршка на младешкиот креативен дух и промоција на модата како форма на етика, уметност и социјална промена. Секоја дама прошета во креација создадена посебно за неа и на тој начин и даде гласна и јавна поддршка на новата генерација модни работници – признавање дека знаењата стекнати во едно стручно училиште се веднаш применливи и значајни. Настанот беше визуелна бајка, каде што секоја силуета шепотеше нова приказна. Секој модел беше дело на три срца – ученик, ментор и “дама“. Секој модел на сцената раскажуваше приказна – низ вез, драпирање, боја и емоција.

Моделите беа на ученичките Мирјета Адеми, Маја Роглевска, Андреа Ризовска, Леман Рамановска, Маја Афтаровска, Јамур Али, Виолета Мишакова, Елиф Јусуфи, Ивона Стерјовска, Ева Ацковска, Имет Имеровска и други. Ментори им беа модните креатори Катерина Стојчевска, Христијана Голубовќ, Муамед Маликовски, Александар Ортаковски, Анастасија Цулевска, Андреј Папаз, Благој Мицевски и други. Овие модни дела се резултат на тимска соработка помеѓу ученици – млади дизајнери, нивните ментори – врвни македонски модни дизајнери и дами – жени од заедницата кои не само што беа модели на пистата, туку и вистински поддржувачи на новата генерација.

Креациите ги носеа жени од различни професии: наградуваната наставничка Весела Богдановиќ, психологот Жанета Ристевска, пијанистката Елена Ѓоргиева, актерката Марија Стефановска, професорката и пејачка Ирена Димовска-Митревска, етнокореологот Љупка Стефановска, виолончелистката Андрија Дуковска, новинарката Александра Вуксановиќ, пејачката Ивона Јо, докторката Ана Велјановска и други.

Секоја креација раскажа сопствена приказна, создадена со срце и визија – од скица, до крој, до подвижно уметничко дело. Модните тимови ја интерпретираа темата „Ориент“ не само стилски, туку и емотивно, како начин на чувствување и изразување. Секоја дама прошета во креација специјално изработена за неа, давајќи симболична, но и реална поддршка на примената на знаењата стекнати во стручното образование. Во фокусот на вечерта беше и хуманитарната нота – сите креации што ги носеа дамите беа откупени, а средствата се донираа за подобрување на условите за практична настава и усовршување на учениците.

Во модното дефиле учествуваа и професорките кои се дел од тимот иницијатори на овој настан: Ема Ќуќа, Живка Танушевска и Анита Стефановска, кои носеа креации изработени со ученичката Ана Трајановска. Организатори на Креативниот ден беа продукцијата „Божиловиќ“ и СОУ „Таки Даскало“ од Битола.

Истата вечер во фоајето на театарот, како вовед на модната ревија, имаше изложба на цртежи со модните дизајни израбитени од страна на ученичките од нашето училиште.

„Креативен Ден 2025“ уште еднаш потврди дека модата не е само облека – таа е став, вредност, платформа за соработка и алатка за општествена трансформација.