Национални проекти

КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ
СОУ „Таки Даскало“ е меѓу 25-те избрани пилот-училишта од Македонија кои учестваат во имплементација на проектот „Квалитетно образование за сите“, а кое е избрано врз основа на посебни критериуми за добри училишни практики, за справување со дискриминација и инклузивно образование.
Целта на проектот, кој започна од декември 2022 година и ќе се спроведува до 2025 година, е промовирање на демократијата и човековите права во образованието, како и подготовка на младите луѓе со потребните вештини и компетенции за демократска култура кај учениците, согласно референтната рамка на компетенции на ЕУ.
Една од главните цели е вмрежување на училиштата, да станат дел од Националната мрежа на демократски и инклузивни училишта, зајакнување на националната стратегија за образование, на мултикултурното и инклузивно образование и размена на добри училишни практики и искуства и заедно со локалната заедница и граѓанските организации да обезбедат инклузивна средина за учење за сите ученици
Во рамките на проектот, кој е финансиран од Германија, а имплементиран од Советот на Европа и МОН, беше организирана иницијална конференција „Едукација за демократска култура – од политика до практика“, на која присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како и експерти од Советот на Европа, Германската амбасада, од министерствата на Србија, БиХ, Црна Гора и претставници од 25-те пилот-училишта, кои споделија искуства.
Беа реализирани и повеќе обуки за директорите на училиштата и за училишните тимови, а реализирана беше и тркалезна маса, на која беше анализиран Извештајот за мапирање на имплементацијата на „Стратегијата за образование 2018-2025“, со препораки за политики за трасирање на правецот на образовната реформа со училиштата и локалната самоуправа.