Локални проекти

ОТВОРЕНИ КНИГИ
На 13.11.2023 г. ученици од Литературниот клуб на СОУ „Таки Даскало“ – Битола под менторство на професорките Билјана Исијанин и Николина Поповска иницираа проект „Отворени книги“. Проектот се реализира во просториите на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Отворените книги се простор каде учениците ќе може да се изразат слободно, поттикнати од сликите и зборовите кои се појавуваат само на одредени страници, додека останатите празни страници ќе треба да ги пополнат сами. На тој начин тие ќе создадат свое оригинално дело од слики и зборови кое пак истото ќе може слободно да биде надградувано од посетителите во просторот во кој ќе бидат оставени. Неутралноста на зборовите и сликите ќе биде збогатена со еден нов предизвик во кој истите ќе може да се интерпретираат на различен начин. „Знак“, „Индикација“, „Постоење“, „Дали сонуваш“ се само дел од темите кои ќе поттикнат дела во кои ќе можеме барем за момент да ѕирнеме одблиску во микрокосмосот на младите.

ЗАКИТИ СЕ СО КНИГА – РАБОТИЛНИЦА ЗА СИТЕ ВОЗРАСТИ
На 06.12.2023 г. по повод Патрониот празник на Библиотеката, Ромина Милетиќ, дизајнер на ентериери од „ Арт корнер“ Студио за дизајн, одржа работилница „Закити се со книга“ каде учесници од различни возрасни групи имаа прилика да изработат брош во форма на книга. На работилницата учествуваа и ученици од графичката и текстилната струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Во пријатна атмосфера со чај и колачиња библиотекарите ги пречекаа учесниците во новиот простор на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Дневна соба на градот во која се организираат нови иновативни библиотечни програми.

СТОП НА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Во Europe House Bitola се одржа завршната конференција на проектот „Стоп на дискриминацијата на лицата со попречености“, во кој активно учество зеде и СОУ „Таки Даскало“. Целта на проектот кој се реализираше во изминатиот период во повеќе училишта во Битола и кој опфаќаше повеќе обуки и работилници со ученици, стручни соработници и образовни асистенти, е подигнување на свеста за постоењето на дискриминација во општеството кон лицата со попреченост и кои чекори да се преземат за да се намали дискриминацијата кон овие лица и нивна подобра интеграција во сите сфери во општеството.
На настанот од страна на проф.д-р Сашо Кочанковски беше презентирана анализата на истражувањето „Ајде заедно да ја намалиме и спречиме дискриминацијата“ спроведена во рамките на проектот 0.
На завршната конференција беше организирана и панел дискусија на тема „Предизвиците и позитивните страни на инклузијата во образованието“, на која свое излагање имаше стручниот соработник-психолог м-р Марија Младеновска-Димитровска, како претставник на СОУ „Таки Даскало“ и координатор на Училишниот инклузивен тим, која сподели искуства од работата со образовните асистенти во училиштето и напредокот кое го остварува во процесот на инклузија, како средно училиште со најголем број образовни асистенти во Битола и Анета Ѓоргиевска, логопед и советник во Општина Битола, раководител на одделението за Социјална заштита, која сподели за искуствата кои ги има Општината во насока на инклузијата, а говореа и претставници од врсничките едукатори, образовните асистенти, претставници од стручните служби.
На СОУ „Таки Даскало“ – Битола му беше доделена благодарница за активно учество во проектот, која ја прими директорот Ристо Грујовски. Проектот е поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Порака Нова во соработка со YMCA.mk.