Историјат
СОУ “Таки Даскало” Битола со работа започна на 01.09.1984 год.
Училиштето е формирано со одлука на Собранието на општина Битола бр. 08/425/1 од 27.01.1984 година со трансформација – здружување на гимназијата “Браќа Миладиновци” Битола и Училиштето за занимања на ученици во стопанството “Кочо Рацин” Битола.
Здружувањето на двата субјекти беше резултат на тогашните определби за средно насочено образование, односно за едукација на кадри потребни за здружениот труд, при што се поаѓаше од определбата дека дотогашното гимназиско образование е постатично и не ги дава очекуваните резултати.
Тогашниот Центар за средно насочено образование,својата дејност ја започна на 01.09.1984 година, а со решение на Совет на општина Битола на 04.11.1985 год. го доби името ,,Таки Даскало”
На почетокот на своето работење Училиштето ги наследи следните видови на образование: рударска, автособраќајна, градежна, текстилна, кожаро – гумарска струка и гимназиско образование. Со решение на Републичкиот комитет за образование и наука бр. 11-1058 од 22.05.1985 година добиена е верификација за образование на кадри и тоа за: рударско-геолоШка струка, автосообраЌајна струка, градежно-архитектонска, кожарско-гумарска, текстилна и прехрамбена струка.
Вака поставениот Центар, на почетокот на своето постоење дејствуваше како институција со јасна перспектива и во него со стручно образование се стекнуваа импозантен број на ученици.
Како последица од реорганизацијата на мрежата на средното образование од учебната 1993/94 година дојде до прегрупирање и намалување на образовните профили, застапени во Републиката, а со тоа и во Центарот, при што беа застапени образовни профили за: рударската, сообраќајната текстилната и машинската струка – автомеханичари со тригодишно траење.
Истата учебна година во Училиштето, за прв пат се образуваа ученици за образовните профили: печатар (3 год.) и графички техничар (4 год.) од графичката струка, а од учебната 1997/98 год. повторно е застапено гимназиско образование – општа насока. Овој момент е од особено значење, не толку заради зголемениот број на струки и гимназиско образование, колку заради изменетата структура на запишаните ученици за новите видови на образование, кои претставуваа предуслов за постигнување подобри резултати во образовниот процес.
Со решение на Министерството за образование и наука бр. 11-4736/1 од 22.10.1996 година одобрена е примената на Програмската структура за средното образование, а од 1999 година во стручното образование се реализира Фаре – програма, односно реформа во средното стручно образование, со што всушност започна групирањето на струките и образовните профили во четиригодишното образование во 16 пилот училишта.
Со проширување на Програмата, СОУ “Таки Даскало” е вклучено во Фаре програмата со графичката струка за образовниот профил со четиригодишно траење – графички техничар.
Измените во програмските документи се направени со цел за задоволување на потребите на пазарот на трудот, индивидуите и Републиката во целост.
Од учебната 1997/98 година во Училиштето повторно се школуваа кадри за гимназиско образование – општа насока, а од учебната 2001/2002 година воведено е реформирано гимназиско образование за подрачјата:
– јазично-уметничко,
– општествено-хуманистичко
а подоцна и природно – математичко.
За лицата кои не биле во состојба да се стекнат со средно образование по пат на редовно школување, тоа им е овозможено со полагање вонредни испити, а што е уште позначајно, од Министерството за образование со акт бр. 09-526/2 од 20.04.2005 година добиена е верификација за специјалистичко образование за образовните профили од графичка струка: слагач-специјалист, печатар-специјалист, фотолитограф-хемиграф специјалист, кноговезец-картонажер специјалист, графички дизајнер, специјалист во подготовка за печат, специјалист во графичка доработка и од сообраќајна струка за образовниот профил: возач-инструктор.
Од учебната 2010/11 година воведена е нова струка, градежно – геодетска, со четири годишно траење за образовниот профил геодетски техничар.
Од учебната 2015/16 година воведена е нова струка, угостителско – туристичка, со четири годишно траење за образовниот профил угостителско – туристички техничар.
Од учебната 2019/20 година воведена е нова струка, лични услуги, со четири годишно траење за образовниот профил техничар за козметичка нега и убавина.