Медиумски клуб
ОСНОВАН МЕДИУМСКИ КЛУБ „ТАКИ ДАСКАЛО“
Во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат”, професорката Марија Младеновска Димитровска поднесе апликација на јавниот повик, и СОУ „Таки Даскало” – Битола е избрано меѓу десетте средни училишта од Македонија кои ќе бидат поддржани за основање на медиумски клуб. За таа цел се одржа обука во Скопје за основање на медиумски клубови во основните и средните училишта во Македонија. Целта на формирањето на новинарскиот клуб е едукација на учениците во рамки на воннаставните активности преку изготвена програма за медиумска писменост, за новинарството како професија, новинарските жанрови, за проверка на информациите, препознавање на дезинформации, малинформации, како и за едуцирање на учениците за креирање на медиумски содржини за различни медиумски платформи кои ќе обработуваат теми поврзани со образовниот процес и училишните активности.
– Особено ме радува што преку проектот „Младите размислуваат“ се актуелизира развивањето на вештините за критички пристап кон информациите и за медиумската писменост кај младите и што нашето училиште е дел од овој проект кој го спроведува УСАИД, МОН, БРО, ИРЕКС, МИМ, ИКС, МОФ. Нашето училиште аплицираше на јавниот повик и е избрано за основање на Новинарски клуб. Услов при аплицирањето беше наставникот да има претходно релевантно искуство во областа на новинарството, медиумите и медиумската писменост. Наставниците координатори поминавме и обука, а спроведувањето на активностите ќе биде според изготвена програма во рамките на воннаставните активности во училиштата и под менторство на искусни обучувачи ментори. Се надевам дека преку овие новинарски клубови во училиштата ќе се поттикнат младите да се вклучат во новинарството и да ги развиеме кај нив вештините да креирааат медиумски производи и да навлезат во тајните на новинарството – истакна Марија Младеновска Димитровска, координатор на Медиумскиот клуб „Таки Даскало“.

ПОСЕТА НА ТВ ТЕРА
Учениците од Медиумскиот клуб на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, заедно со одговорниот наставник за клубот и координатор на проектот „Младите размислуваат“, Марија Младеновска Димитровска, беа во посета на Телевизија Тера, каде што од страна на главниот и одговорен уредник Стево Башуровски, се запознаа со комплетниот процес на продукција на вестите на телевизијата, со работата и поставеноста на професионална новинарска редакција, со улогата и значењето на новинарската професија, професионалните новинарски стандарди, со значењето на медиумската писменост и како да знаат да проценат и разликуваат вистинити, точни и проверени информации, од дезинформации и малинформации, особено на социјалните мрежи и медиуми.

МЕДИУМСКИОТ КЛУБ НА СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО“ ДЕЛ ОД НАСТАНОТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА МЛАДИНСКАТА ПЛАТФОРМА ВО ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН
Учениците од Медиумскиот клуб на СОУ „Таки Даскало”, имаа ретка можност да бидат дел од настанот во организација на Про локал, на кој беше промовирана имплементацијата на Првата регионална младинска платформа во Пелагонискиот регион, во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија”, на кој присуствуваа градоначалници и заменици-градоначалници од деветте општини од Пелагонискиот регион, како и заменик-амбасадорот на Кралството Холандија, Н.Е. Роберт Декер, претставници од невладиниот сектор од Пелагонискиот регион, како и младите од регионот. Тие имаа можност да направат поткасти и интервјуа со градоначалниците, со заменик-амбасадорот на Кралството Холандија и со претставници од невладиниот сектор. Со амбасадорот на Кралството Норвешка, Н.Е. Роберт Декер, интервју на англиски јазик направи Христијан Мечкаров, III 12 паралелка, гимназија, со градоначалникот на Општина Битола интервју направи Антонио Трајковски од паралелката I 11, гимназиско образование, Ева Чагорска од истата паралелка направи интервју со градоначалникот на Општина Могила, Драганчо Саботковски, Александар Јовановски од III 12 со претседателот на Здружението на млади „Урбано гнездо“, Стеве Јанчески и Сара Муратовска од III 12 со Марија Ташкова од Младински совет Прилеп.
На заменик-амбасадорот Н.Е Роберт Декер, од страна на СОУ „Таки Даскало”, му беше приредено мало изненадување, односно му беше подарена негова фотографија која беше изработена во една ретка графичка техника со пренос (трансфер) на фотографија на дрво, која ја изработи Валентина Ристеска, наставник по графички стручни предмети, како и вез од традиционален костим од битолскиот крај, кој го изработи Живка Танушева-Ицановска, наставник по текстилни стручни предмети.


УСПЕШНО ИСТРЧАН НОВИНАРСКИОТ СПРИНТ
СОУ „Таки Даскало“ – Битола е дел од проектот „Новинарски спринтови”, кој го организира Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС, во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“.
Во нашето училиште беше организирана работилница медиумска лабораторија, која ја одржа познатата новинарка на МТВ, Катерина Топалова, на која зедоа учество ученици од Медиумскиот клуб на СОУ „Таки Даскало“, кои се едуцираа и дискутираа како да препознаат дезинформации, мисинформации и малинформации, како да ги препознаат и да се заштитат. Учениците анализираа медиумски содржини и дискутираа што би објавувале кога би биле новинари, но учеа и како да направат вест, користејќи ги петте новинарски прашања.
Учениците, под менторство на професорките Марија Младеновска-Димитровска и Јулијана Јосифовска, кои се координатори на проектот „Новинарски спринтови“, изготвуваа и медиумски производ (вест, видео сторија, поткаст, мултимедијален производ), со кој се натпреваруваа во изборот за најдобар медиумски продукт. Ученикот Александар Јовановски од III 12 паралелка, гимназија, кој изготви синопсис, под менторство на проф. Марија Младеновска-Димитровска, е избран меѓу седуммината средношколци од нашата држава чии медиумски производи ќе бидат наградени со едномесечна платена пракса во национални или локални медиуми, каде практикантите ќе работат под менторство на професионални новинари и ќе учат како се продуцираат вести и како се работи во новинарска редакција.

АКТИВНОСТИ НА МЕДИУМСКИОТ КЛУБ
Медиумскиот клуб на СОУ „Таки Даскало“ – Битола редовно одржува средби на кои членовите на клубот, под менторство на професорката Марија Младеновска-Димитровска, учат кои се предизвиците на новинарството во новото дигитално време, како е да се биде новинар во ера на дигитализација, за дигиталните медиуми, за алгоритмот како уредник на новата ера, за вештачката интелигенција, како да се запазат новинарските, да креираат медиумски производи за различни медиумски платформи, како да изготват новинарски продукти согласно новинарските стандарди. Членовите на клубот се брендираа со изготвување на свое лого, плакати и банери, кои ги дизајнира Благица Наумовска, ученичка во III 4 паралелка, графичка струка, под менторство на Миле Атанасоски, наставник по графички стручни предмети, додека под менторство на координаторот на клубот Марија Младеновска-Димитровска и Христиан Петковиќ, наставник по музичка уметност, изработија и промотивно видео.
