Активност за учење, настава и обука во Трисил, Норвешка
Од 20 до 24 јануари 2025 година во Трисил, Норвешка, група наставници и ученици од СОУ Таки Даскало Битола учествуваа на т.н активност за учење, настава и обука во рамките на меѓународниот проект „Единствени и активни“.
Домаќин на оваа активност беше партнерското училиште Trysil videregaaende skole, од Трисил, Норвешка. Овој проект се реализира во рамките на прогрмата Ерасмус плус, која е водечка програма на Европската комисија, фокусирана на образованието, обуката, младите и спортот.
На активноста присуствуваа и ученици и наставници од останатите партнерски училишта во проектот, I.I.S.S. “S. Trinchese” од Мартано, Италија, Agrupamento de Escolas de Nisa од Ниса, Португалија, Srednja skola Isidora Krsnjavoga од Нашице, Хрватска и Средно училиште “Христо Ботев” од Враца, Бугарија.
Како што ни изјави координаторот на проектот Гордана Јордева – тимот од СОУ Таки Даскало го сочинуваа учениците Анастасија Чагорска, Ева Чагорска, Антонио Трајковски и Димитар Чалески, како и професорките по англиски јазик Валентина Богојовска и Наташа Котевска.
Главна цел на проектот е зголемување на благосостојбата на учениците на училиште преку часови со физичка активност по одредени училишни предмети. Тој се фокусира на употребата на дигитални алатки и технологија во текот на целиот процес, притоа почитувајќи ја природата на секој предмет. Активноста во Норвешка беше фокусирана на странските јазици и физичките активности: предавања, работилници, експериментирање. Потоа стекнување на вештини и методи релевантни во изучувањето странските јазици и воспоставување врски со физички активности за подобрување на вклученоста, интересот и концентрацијата за време на час. Преку различни спортски активности – одбојка, бадминтон, кинбол, скијање и санкање – се учеше англиски и се развиваа комуникациски вештини во реални ситуации. Училиштето домаќин за учениците организираше квизови и работилници на темата. Исто така беше организирана екскурзија во која се посети Осло, главниот град на Норвешка.
















































