Литературен клуб

На ден 30.10.2023 година во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа 18-тата „Роднокрајна средба со битолските писатели“ на која присуствуваа писателите: Добре Тодоровски, Златко Жоглев, Даниела Андоновска-Трајковска, Весна Мундишевска-Велјановска, Кире Неделковски, Мирјана Стојановска, Зоран Пејковски, Петре Димовски, Биљана Димко, Ванде Ганчевски, Сања Видановска-Мучкајева, Светлана Папачек и Илче Стојановски. Средбата беше од отворен карактер. Покрај битолските писатели присуствуваа и ученици од СОУ „Таки Даскало“ кои на писателите им поставија низа прашања, а прочитаа и свои поетски творби.

Претставување на поетот Раде Силјан

По повод Патронатот на училиштето и 5 Maj – Денот на македонската азбука и јазик, беше организирано претставување на творештвото на поетот Раде Силјан насловено „За архитектониката на поетските завештанија на Раде Силјан“. За поезијата на Силјан говореше Милица Радевска, наставник по македонски јазик и литература, а стихови од неговата поезија интерпретираа учениците Дејан Богојовски, Александра Марковска, Марија Сервини и Ангела Поп-Гиновска од трета година, гимназиско образование, билингвална паралелка. Во третиот дел од настанот од книгата по „Патот на великаните“ од Паскал Гилевски, посветена на творештвото на Раде Силјан, од мноштвото научно-вдахновени рецензии и критики беа издвоени неколку како потврда на согледбите на Гане Тодоровски, како еден од неговите најдобри проследувачи и толкувачи, дека во творечки континуитет на Раде Силјан препознаваме Авторски растеж, Литературен авторитет и Творечка автономија. На крајот учениците Дејан Богојовски, Александар Јовановски и Анастасија Огненова, од билингвални паралелки, се преставија со свои креативни преводи на поезијата на Раде Силјан. Настанот беше збогатен и со музичките акорди од гитарите на Нина Велиновска од графичка струка и Софија Трајковска од ОУ „Коле Канински“.