Инфраструктурни проекти – 2024

ГОЛЕМИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО СОУ “ТАКИ ДАСКАЛО“ БИТОЛА

Во СОУ “Таки Даскало“ Битола, се реализираа големи инфраструктурни зафати во двете училишни згради за подобрување на условите за учење и работа. Новата учебна 2023/24 година, учениците од СОУ “Таки Даскало“ – Битола, ја започнаа во нови, реновирани училници и значително подобрени услови за учење.

Реконструиран е подот во сите училници и кабинети во двете училишни згради, извршена е комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б, кои беа дотраени и небезбедни за движење, а е реконстриуран и паркинг-просторот за вработените и поставена е електронска рампа.

Со финансиски средства од основачот Општина Битола во износ од 5 милиони денари се реконструира подот во училниците, во двете училишни згради во вкупна површина од 2722 м2, заменет е дотраениот паркет во вкупна површина од 136 м2. Извршена е комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б, а уреден со бехатон плочки е и во паркинг-просторот за вработените во вкупна површина од 418 м2.

Исто така, се направени значајни инвестиции за набавка на нова опрема и наставни средства за подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Набавен е нов училишен мебел, училишни табли и столчиња, нова компјутерска и друга ИКТ опрема за сите училници, телевизори и нагледни средства за сите струки и за гимназијата, како и машини и друга опрема.

Инаку, претходно во изминатите две-три години беа реализирани крупни инфраструктурни зафати како проектот за реконструкција на двете спортски сали, кој беше реализиран со средства на МОН, како и реконструкцијата на спортските терени и училишниот двор за што средствата беа издвоени од Општината Битола, со што значително се придонесе за осовременување на условите за работа во училиштето и за подигнување на квалитетот на наставата.