Eко проект „Рециклирам значи постојам“

Вклучувајќи се во одбележување на 22 април, Денот на планетата Земја, учениците од секторот графичарство, под менторство на професор Катерина Спасовска Маурдева станаа дел од големата еколошка акција која годинава опфаќа три општини Прилеп, Битола и Скопје. Имено учениците и професорите од графичка струка од овие општини, имајќи ја во предвид важноста од реупотребата на старата хартија превзедоа низа активности кои резултираа со собрани околу 15 тони хартија.

За таа цел учениците Надица Спировска, Мирослав Стојчески, Михаил Јошевски и Иван Гацовски од трета година, графичка струка, на 6.4.2026 г. пред членовите на Ротари клубот “Битола”, градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈКП “Комуналец” Битола ја презентираа идејата за престојниот проект. Имајќи ја предвид актуелноста на темата, како и воодушевени од ентузијазмот на нашите ученици, членовите на Ротари клубот “Битола”, градоначалникот и претпријатието ЈКП “Комуналец” зедоа активно учество во проектот.

Акцијата продолжи со низа предавања низ основните и средните училишта, каде нашите ученици беа врснички едукатори и преку низа интересни факти пред учениците ги потенцираа еколошките и економските придобивки од собирањето и реупотребата на старата хартија. Сини контејнери од страна на ЈКП „Комуналец“ беа дополнително поставени на повеќе пунктови, а со помош на ротари клубот „Битола“ беа вклучени и повеќе институции надвор од образованието.

Како завршен настан на овој проект е посетата на националната работилница за производство на рачно изработена хартија во Охрид, каде учениците ќе видат уште еден начин на реупотреба на стара хартија, но и ќе разменат искуства со учениците од другите општини за текот на активностите. Еколошката акција секако не завршува на 22 април, ваквиот начин на размислување и активностите од ваков вид треба да се наше секојдневие доколку сакаме почиста и поздрава животна средина.