Посета на градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски
Со посетата, (на 16.03.2024 год.), на градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, од страна на делегацијата од СОУ “Таки Даскало” – Битола, предводена од директорот на Училиштето, Ристо Грујовски, во состав Марија Младеновска-Димитровска, психолог и претседател на Училишниот одбор, Валентина Ристевска, професор по графички стручни предмети, Валентина Богојовска, професор по англиски јазик и ученици од графичката струка и од гимназиско образование – билингвална паралелка, започнаа активностите, по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 40 години од основањето на СОУ “Таки Даскало” – Битола.
Градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, на средбата беше запознат со активностите, богатата и содржајна програма која училиштето планира да ја реализира за достојно одбележување на јубилејот и патрониот празник, како и со целокупната работа на училиштето и реализираните проекти во изминатиот период. Исто така, им беше упатена благодарност на градоначалникот и на Општината Битола за севкупната и сесрдна поддршка која ни ја дава и која значајно придонесува за напредокот и развојот на училиштето за подобрување на условите за работа и унапредување на воспитно-образовниот процес на задоволство на сите ученици и вработените.
Учениците имаа можност да се запознаат со работата на градоначалникот и Општината и да му поставуваат прашања од делокругот на неговата работа.
Од своја страна, градоначалникот Коњановски, изрази благодарност за посетата и истакна дека како прв човек на градот секогаш ќе дава несебична поддршка и на СОУ “Таки Даскало” – Битола и на сите училишта, за унапредување на воспитно-образовниот процес во градот, дека образованието е еден од неговите приоритети, како и дека ќе се заложи за севкупниот развој на Битола. Градоначалникот ги охрабри учениците кои се иднината на Битола, да учат, да се надградуваат, развиваат и да го вложат своето знаење и вештини во идниот развој на својот град, да ја гледаат својата перспектива и иднина во Битола, зашто Битола е град којшто има богата традиција, град со големо историско, културно, стопанско, дипломатско влијание, космополитски град со кој сите треба да се гордееме и да се вложиме во неговиот развој – беше истакнато на средбата.









