Активности во 2023/2024 година
Проект УРБАНА АГЕНДА
Битола од секогаш важела за град на културата, со многу млади и креативни луѓе кои на различни начини создаваат и се изразуваат. Во рамките на проектот „Урбана агенда“ организиран од МКЦ-Битола, а поддржан од Швајцарската амбасада во Македонија беа организирани низа работилници за стрип. Целта на работилниците е да се промовира стрипот како урбана уметничка активност, културна придобивка и деветта уметност кај младите креативни луѓе. Се разговараше за потеклото и значењето на стрипот, структурата на стрипот како вербално-визуелен медиум како и неговата примена во секојдневието. Учесниците на работилниците имаа прилика и самите да изработат стрип, почнувајќи од развивање на идеја преку скица па сѐ до готово дело на хартија. Работилниците ги водеше Миле Атанасоски, наставник по графички дизајн, а активно учество зедоа учениците од прва, втора и трета година графичка струка. Како завршна активност на проектот планирана е заедничка изложба на стрип од младите уметници.


ВО ЧЕСТ НА ЉУБОВТА И ВИНОТО
Традиционално продолжува соработката со НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Празнувајќи ја љубовта се продолжи со проектот „По допирот на љубовта секој станува поет“. Рачните изработки кои беа изработени со многу љубов, беа резултат од повеќето заеднички работилници на библиотеката и учениците од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, а со цел одбележување на празникот на љубовта и виното. Учениците од графичка струка работеа под менторство на Весна Мундишевска-Велјановска, а учениците од гимназиско образование под менторство на Љубица Мешкова Солак. Заедно со библиотекарот м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски се создадоа производи со кои се искажаа љубов, креативност и широка имагинација.


СЕКОЈА Е УБАВА
Сите се убави на свој начин и секој може да придонеси и да направи еден обичен час да биде посебен. На часовите по предметот „Рециклирање на графички материјали“ Симона Николоска од III 4 графичка струка, заедно со својот образовен асистент Ангела Петровска, практично ја прикажаа реупотребата на различни графички подлоги и материјали. На тој начин го споија наученото со хобито на Симона, цртање и дизајнирање облека. Целиот труд резултираше со мини-изложба на што сме особено горди, истакнувајќи дека кога се сака и инклузивното образование вродува со плод.


ЖЕНАТА КАКО ИНСПИРАЦИЈА
На 28 февруари 2024 г. во графичкиот кабинет во СОУ „Таки Даскало” беше реализирана работилница во соработка со ОУ „Д-р Трифун Пановски”, подрачно основно училиште од с.Трново. По повод Денот на жената се изработија цвеќиња од хартија-оригами, рачно илуструрани честитки, картички со бонбони со персонализирани обвивки, обележувачи за книги со свежо цвеќе доработени со пластифицирање и др. Во работилницата учествуваа ученици од прво до петто одделение под менторство на наставничките Марија Цветановска и Весна Талевска. Во подготовката на производите и реализацијата на работилницата учествуваа ученици од прва до четврта година од графичката струка под менторство на професорките: Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова, Катерина Спасовска-Маурдева и Валентина Ристевска.

СОРАБОТКА СО SFERA INTERNATIONAL
Графичката струка оствари соработка со Sfera International преку примена на техниката линорез и поставување на изложба на тема „Зајакнување на жените”. Линорезите ги изработија ученици од I, III и IV година графичка струка под менторство на Снежана Паскова, наставник по графички стручни предмети. Изложбата беше поставена во април 2024 г. во просториите на Млади Хаб Битола. Иницијативата беше дел од проект за еднакви можности и поддршка за девојчињата и младите жени во нашата држава, кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија и Stella Network, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.


