Проект "Биоморфизми / Фотографизми"
Со учениците од градежно-геодетската струка од прва, трета и четврта година, насока архитектонски техничар, под менторство на професорките м-р Билјана Исијанин (Современа архитектура и уметност и Ликовна уметност) и Оливера Георгиевска (архитектонски стручни предмети) во текот на учебната 2024/25 се реализира проектот “Биоморфизми / Фотографизми” во кој беа направени копии од дела на шпанскиот уметник Хуан Миро и унгарско-францускиот уметник Виктор Вазарели, како и презентации за музејот на Хуан Миро во Барселона и зградата на фондацијата Вазарели во Прованс, јужна Франција.
Оваа активност е продолжување на проектот Баухаус започнат во учебната 2023/24 година во кој беше реализирана копија од дело на холандскиот уметник Пит Мондриан, макета од проектот за куќа на германскиот архитект Валтер Гропиус, маска и неколку арт книги во стилот на Баухаус.
Активностите беа поттикнати од идејата да се пренаменат старите училишни табли со тоа што ќе се редизајнираат и ќе се претворат во слики- копии од дела на познати светски уметници кои би станале дел од декорот на училишниот ходник. Значаен момент во оваа активност е спојувањето на стручни и други предмети од градежно-геодетската струка и нивна примена на еден малку поинаков креативен начин со цел да се создаде свежина во начинот на кој се реализираат наставните содржини. На тој начин преку овие активности учениците имаат можност да стекнат и да развијат нови начини на изразување и стимулирање на љубопитноста преку креативни задачи, комуникација и анализа. Неконвенционалниот пристап и организација на часовите што се користат во текот на реализацијата на овие активности што е еден вид проект во процес, го зголемува мотивот на учениците од оваа струка.
Името на овој дел од активностите е инспирирано од биморфните форми што ги користел Хуан Миро во неговите дела и црно-белите слики на Виктор Вазарели наречени фотографизми.












