Остварена соработка во 2023/24 година

ПОТПИШАНИ МЕМОРАНДУМИ ЗА СОРАБОТКА СО ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ
СОУ „Таки Даскало“ – Битола потпиша меморандуми за соработка со повеќе институции. Еден од нив е Меморандумот кој директорот Ристо Грујовски го потпиша со деканката на Факултетот за биотехнички науки од Битола, проф. д-р Гордана Димитровска, со што ќе се овозможи продлабочување на соработката меѓу двете образовни институции, размена на знаења, искуства и добри практики. Учениците од гимназиското образование, како и од угостителско-туристичката струка и козметичка нега и убавина, ќе имаат можност да се стекнат со практични знаења во најсовремено опремените лаборатории на Факултетот за биотехнички науки.

Покрај со Факултетот за биотехнички науки, потпишани се меморандуми за соработка и со ФИКТ, со Високата медицинска школа, Европскиот универзитет Скопје, со Здружението за битолско-грчко пријателство и соработка „Пелагонија“, НУ „Народен театар“ – Битола, Стопанската комора на РСМ; повеќе основни и средни училишта, Дирекцијата за заштита и спасување, Ротаракт клубот Широк Сокак Битола, повеќе салони за убавина, занаетчии, компании од градот итн.

ВРЕДНА ДОНАЦИЈА ОД КОМПАНИЈАТА “КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ“
Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ на дело ја покажа својата општествена одговорност дека е компанија која несебично помага на други институции. Имено, вредна донација беше доделена на СОУ „Таки Даскало“, од страна на „Кромберг и Шуберт“, која вклучува професионална машина за чистење и дезинфекција на подови. Машината за чистење, која е набавена од компанијата „Симпекс“ ДОО Битола, во вредност од околу 180.000 денари, ќе овозможи побрзо, поефикасно и потемелно чистење на подовите пред сѐ во неодамна реконструираните спортски сали на училиштето, за нивна дезинфекција, но ќе се користи по потреба и за чистење и дезинфицирање и на подовите во училниците и помошните простории, што е особено потребно во воспитно-образовни установи. Со вакви модерни начини на чистење го зачувуваме здравјето на учениците и сите вработени, со што значително се намалува можноста за пренос на разни вируси и инфекции и подобрувањето на условите во кои учениците и наставниот кадар, го поминуваат најголемиот дел од денот и за заштита на здравјето на сите вработени во училиштето, затоа што чистотата е половина здравје.
– Од името на сите вработени во СОУ „Таки Даскало“ и од мое лично име, упатувам јавна благодарност за донацијата и се надеваме дека нашата заедничка соработка ќе продолжи и во иднина – истакна директорот на училиштето, Ристо Грујовски.

ДОНАЦИЈА НА КНИГИ ОД РОТАРИ КЛУБОТ БИТОЛА ШИРОК СОКАК
СОУ „Таки Даскало“ доби вредна донација на книги на англиски јазик од страна на Ротари клубот Битола Широк Сокак за своите ученици. Со оваа донација, која беше врачена од страна на претседателката на Ротари клубот Битола Широк Сокак, проф. д-р Моника Марковска, значително ќе се зголеми библиотечниот фонд на училиштето.
– Ротари Клубот Битола Широк Сокак, 15 години ги негува вредностите на давање услуги, различност, интегритет, лидерство и дружење. Донацијата на книги на англиски јазик има за цел да им овозможи на учениците да стекнуваат и да ги продлабочуваат своите знаења на англиски јазик на различни теми – истакна проф.д-р Моника Марковска.
– Со големо задоволство, од името на сите вработени и од мое лично име, изразувам огромна благодарност до Ротари клуб Битола Широк Сокак, за големата донација на книжевни дела, кои ќе придонесат за интелектуалниот развој на нашите ученици, пред сѐ учениците од билингвалните паралелки – истакна директорот Ристо Грујовски.
– Мудрите рекле дека секоја прочитана книга е непроценливо богатство и дека секој човек проживеал толку животи колку што прочитал книги. Книгите отвораат нови пространства, нови бескрајни универзуми. Изразувам голема благодарност до Ротари клубот Битола Широк Сокак и за соработката која ќе продолжи на обострано задоволство – истакна Марија Младеновска-Димитровска, психолог и претседател на Училишниот одбор на СОУ „Таки Даскало“ – Битола.

ДОНАЦИЈА НА ГЕРМАНСКИ КНИГИ
Здружението за македонско-германско пријателство и соработка од Битола, донираше книги на германски и дел на македонски јазик со тематика поврзана со Германија во нашето училиште и со тоа ја збогативме нашата библиотека.