Добиени награди и признанија во 2023/24 година
Три награди за СОУ „Таки Даскало“ – Битола на манифестацијата „Најуспешни битолчани за 2023“
СОУ „Таки Даскало“ е добитник на три награди на манифестацијата на Битолски весник „Избираме најуспешни битолчани за 2023 година“. Во категоријата средни училишта наградата за најуспешно средно училиште во Битола ја доби СОУ „Таки Даскало“, додека за најуспешни во категоријата литература добитнички на признанија се нашите професорки Весна Мундишевска-Велјановска и Милица Димитријовска-Радевска.
Наградата за најуспешно училиште за 2023 година, СОУ „Таки Даскало“ ја доби за реализацијата на крупни инфраструктурни проекти, современа компјутерска и друга опрема, нагледни средства што придонесоа за осовременување и унапредување на условите за учење и работа, подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес, како и за бројни проекти во кои зедоа учество голем број ученици и наставници. Наградата ја прими директорот на училиштето Ристо Грујовски.

Весна Мундишевска Велјановска е наставник по графички стручни предмети. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво– Битола и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“. Автор е на 13 книги поезија, 2 книги со критичко-есеистички текстови и коавтор на книга со песни за деца, а автор и коавтор е на 6 стручни книги и 3 учебници за средно образование. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во списанија и антологии во Романија, Германија, Србија, Италија, САД, Колумбија, Кина, Полска, Индија, Зимбабве, Холандија, Англија, Западен Бенгал, Обединети Арапски Емирати, Тајван, БиХ, Хрватска, Црна Гора и др. Уредник е на списанието за култура „Современи дијалози“, а била уредник и главен уредник на 40-тина поетски книги и зборници, како и на десетина списанија за книжевност и за современо воспитание, образование и наука. Амбасадор на мирот е во Универзалниот круг на амбасадори на мирот со седиште во Швајцарија и Франција. Добитник е на награди за необјавени книги поезија и критика, награди за преводи и за најдобра песна на меѓународни манифестации, награда за научно-образовен придонес и др. Добитник е на интернационалната награда за литература Sahitto – Гранд награда на жири-комисијата (Бангладеш, 2023), како и на меѓународната награда „Naji Naaman“ за креативност (Либан, 2023) и почесната титула член на „Maison Naaman pour la Culture“ (Либан, 2023).

Милица Димитријовска Радевска, е професор по македонски јазик и литература. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на Македонското научно друштво од Битола. Била член на претседателството на Друштвото на писатели на Македонија во мандатот од 2019 до 2022 и претседател на клубот на жени писателки „Даница Ручигај“ во истиот период. Радевска има објавено голем број на творби и критички осврти во литературни списанија, билтени и алманаси во нашата држава, како и во Романија, Босна и Херцеговина и др. Нејзината поезија е преведена на српски, англиски и романски јазик. Автор е на 7 стихозбирки: „Обидници“, „Лечебница“, „Поетски дијалог“ (во коавторство со Весна Мундишевска-Велјановска), „Воздишки на ветрот“, „Лузни на зборот“, „Сам во пределите на сонот“ и „Две Д“. Издала и наставно помагало ,,Јазикот и графиката“ во коавторство со Мундишевска. Учествувала на повеќе книжевни манифестации и научни средби од областа на литературата и воспитно-педагошката дејност. Свои критички огледи, записи, рецензии напишала за повеќе современи македонски автори: Во изминатава година пред битолската читателска публика ги претстави реномираните македонски писатели Раде Силјан и Блаже Минески. Исто така учествуваше на научниот собир посветен на творештво на Владимир Костов, во организација на Македонското научно друштво. Ја претстави и последна поетска книга „Утеха“ на Панде Манојлов. Добитник е на наградата од Битолскиот книжевен круг, во рамките на манифестацијата Битолски книжевни паметења, во категорија поезија за 2023 година.
Награди за ученици од графичката струка
На 21 септември 2023 г., по повод Меѓународниот ден на мирот, во хотелот „Милениум“, се одржа навистина инспиративен настан организиран од Ротари клубот Битола Широк Сокак, Јавен адвертајзинг едукација, АД „Киро Дандаро“, со цел одбележување на Меѓународниот ден на мирот на тема: „Да изградиме мир во дигиталниот свет“.
На настанот беа доделени многубројни вредносни ваучери, меѓу кои и на двајца ученици од четврта година од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Стефан Јоновски, талентиран ученик од IV 4 паралелка од графичката струка, графички уредник-дизајнер, доби стипендија за изучување на Академијата за графички и UX/UI дизајн. Оваа стипендија ќе отвори нови хоризонти за Стефан и ќе обезбеди можност за раст и учење во областа на дизајнот.
Награда доби и талентираната ученичка од IV 4 паралелка од графичката струка, графички уредник-дизајнер, Моника Балева, која исто е и студентка од Академијата за графички и UX/UI дизајн на Јавен адвертајзинг едукација, која доби можност за практична работа во АД „Киро Дандаро“.

59 Државен натпревар на младите техничари и природници на Македонија
На 59 Државен натпревар на младите техничари и природници на Македонија – Наука на млади во организација на Народна Техника на Македонија, кој се одржа во ССОУ „Коле Неделковски” – Велес на 13. 05. 2023 година, ученичката Ана Ацевска од билингвалната паралелка III 12, го освои првото место во областа Иновации, под менторство на професор Валентина Ацевска.

Натпревар по физика
На регионалниот натпревар по физика кој се одржа во Ресен на 06. 04. 2024 година, ученичката Аурора Де Ангелис од паралелката I 10, гимназиско образование, освои III награда, додека на државниот натпревар по физика кој се одржа во Скопје освои пофалница. Ментор на ученичката беше Татјана Црнец, наставник по физика.
Натпревари по математика
На 02.02.2024 год. се одржа Општинскиот натпревар по математика на кој учествуваа ученици од гимназиско и стручно образование, а успех постигнаа:
I година, гимназиско образование:
Аурора Де Ангелис – пофалница, ментор проф. Васка Шалевска
Чагорска Анастасија – пофалница, ментор проф. Валентина Ацевска
Чагорска Ева – пофалница, ментор проф. Валентина Ацевска
III година, гимназиско образование:
Ана Ацевска – I место, ментор проф. Анета Димовска
На 02.03.2024 год. се одржа 47-от Регионален натпревар по математика за учениците од средно образование на кој под менторство на професор Анета Димовска учествуваше Ана Ацевска ученичка во III година, гимназиско образование која освои трето место и се стекна со право да учествува на Државниот натпревар по математика. Аурора Де Ангелис – ученичка во I година, гимназиско образование под менторство на професор Васка Шалевска освои пофалница, а Анастасија Чагорска и Ева Чагорска ученички во I година, гимназиско образование под менторство на професор Валентина Ацевска успешно се претставија на натпреварот. Им посакуваме уште поголем успех во иднина, а на Ана ѝ посакуваме успех на државниот натпревар по математика.

Наградени ученици од геолошко-рударска и металуршка струка
Попчановски Никола, ученик во I 1 геолошко-рударска и металуршка струка има освоено повеќе од 20 награди за прво, второ и трето место во категорија на хип хоп и street dance во државата и надвор од неа. На 10.12.2023 г. во Суботица освои I награда за hip hop и II награда за street dance, како и I награда за street dance во Куманово на 09.03.2024 г.

Абдурахман Мемедов, ученик во I 1 година геолошко-рударска и металуршка струка, освои II награда во категорија средни училишта на ноќната трка по повод денот на ослободувањето на Битола 4-ти Ноември.

Награди во стрелаштво
Многубројни успеси во различни области на Теодора Христова, ученичка во втора година, графичка струка. Како последни од низата би ги издвоиле:
прво место на општинскиот натпревар во стрелаштво,
прво место на државно првенство во стрелаштво за средни училишта,
прогласување на млад спортист на годината од Здружението за спорт и млади – Битола.

Награди за стрип
Теодора Христова и Михаела Васкоска од II 4, графичка струка, графички уредник-дизајнер, освоија трето место на наградниот конкурс за стрип организиран од Стрип центар на Македонија – Велес, во рамките на проектот со наслов „All we are saying is GIVE INCLUSION A CHANCE!“. Ученичките работеа под менторство на Миле Атанасоски, наставник по графички стручни предмети.
НАЦИОНАЛЕН НАТПРЕВАР НА НАЈДОБРИ УЧЕНИЧКИ КОМПАНИИ ЗА УЧЕБНАТА 2022/2023
Ние сме тимот на ученичката компанија „Флоратирал“ од СОУ Таки Даскало од Битола, кои се пласиравме на Националниот натпревар за најдобри ученички компании:
- Петар Илиевски, Истражување и развој
- Александар Јовановски, Маркетинг
- Ана Ацевска, Човечки ресурси
- Христијан Мечкаров, Производство
- Горазд Димовски, Продажба (генерален менаџер/извршен директор)
Ментор-наставник: Валентина Ацевска
Се сретнавме со предизвикот како да ѝ дадеме втор живот на старата облека и да смислиме ефективни решенија за реупотреба на текстилот.Решивме да делуваме локално во нашиот град со тоа што ќе собираме старата облека и ќе ја рекреираме во нова модерна облека. Текстилот не само што може да се користи еднаш или два пати, туку има многу животи затоа нашата компанија вклучува елементи од моделот на циркуларна економија, и се залага за нула отпад. Го поминавме патот од идеја до реализација, водејќи ја сопствената компанија со реални производи, а при тоа се стекнавме со претприемачки вештини и писменост. Голема благодарност до професорките Анита Стефановска, Живка Ицановска, Ема Ќука и ученичките од текстилниот смер, кои ни помогнаа нашите идеи да се реализираат и да дојдиме до реални производи, кои ги понудивме на пазарот. Благодарност и до професорката Весна Мундишевска-Велјановска за помошта при креацијата на логото и маичките.

Награда за најдобар спортист
Јована Петровска, ученичка во I 11 билингвална паралелка, капитен на младинската екипа на ЖФК Атлетико Битола, е прогласена за најдобар младински спортист во 2023 година од страна на Сојузот на спортови на Битола.

Признание за соработка
Ученици од I 11 билингвална паралелка 20.12.2023 г. го посетија настанот насловен “Innovate, Create, Celebrate: 20 Years of American Corner Bitola” со кој се одбележаа 2 децении работа на Американското Катче. Преку обраќањето на Ивана Ангелковска се потсетивме на бројни проекти, иницијативи и забележителните успеси на Американското Катче што истото го прават значаен дел од нашата заедница.
Во оваа свечена прилика на Валентина Богојовска, професор по англиски јазик во нашето училиште, ѝ беше доделено признание за долгогодишната плодна соработка со Американското Катче од Битола.

Награда на регионалниот натпревар по сообраќај
Ученичката Емилија Поповска од трета година сообраќајна струка, профил техничар за патен сообраќај, под менторство на професорката по сообраќajни стручни предмети Гордана Кожуваровска, го освои првото место на Регионалниот натпревар по сообраќaj, кој се одржа во Прилеп на 04. 04. 2024 година.

Учество на државниот натпревар за електротехничките, машинските и сообраќајните средни стручни училишта
Сообраќајната струка учествуваше на 41-от Државен натпревар за електротехничките, машинските и сообраќајните средни стручни училишта од нашата држава, кој се одржа на 16 и 17 мај 2023 година во Богданци.
СОУ „Таки Даскало“ – Битола го претставуваа ученичките од трета година сообраќајна струка: Емилија Поповска, техничар за патен сообраќај под менторство на Гордана Кожуваровска, наставник по сообраќајни стручни предмети, и ученичката Зорица Торневска, техничар за транспорт и шпедиција, под менторство на Ангела Николовска, наставник по сообраќајни стручни предмети. На натпреварот ученичката Емилија Поповска го освои третото место.
