Aктивност за учење, настава и обука во Мартано, Италија

Од 10 до 14 ноември 2025 година во Мартано, Италија, група наставници и ученици од СОУ Таки Даскало Битола учествуваа на т.н активност за учење, настава и обука во рамките на меѓународниот проект „Единствени и активни“.

Домаќин на оваа активност беше партнерското училиште I.I.S.S. “S. Trinchese” од Мартано, Италија. Овој проект се реализира во рамките на прогрмата Ерасмус плус, која е водечка програма на Европската комисија, фокусирана на образованието, обуката, младите и спортот.

На активноста присуствуваа и ученици и наставници од останатите партнерски училишта во проектот, Средно училиште “Христо Ботев”, од Враца, Бугарија, Agrupamento de Escolas de Nisa од Ниса, Португалија, Srednja skola Isidora Krsnjavoga од Нашице, Хрватска и Trysil videregaaende skole, од Трисил, Норвешка.

Тимот од СОУ Таки Даскало го сочинуваа учениците Андреј Јошев, Марко Ристески, Теодор Торнески, Михаил Димитровски и Марко Савиќ како и професорката по информатика Гордана Јордева и училишниот психолог Марија Младеновска Димитровска.

Главна цел на проектот е зголемување на благосостојбата на учениците во училиште преку часови со физичка активност по одредени училишни предмети. Тој се фокусира на употребата на дигитални алатки и технологија во текот на целиот процес, притоа почитувајќи ја природата на секој предмет. Активноста во Италија беше фокусирана на ученичкото организирање и социјалните активности на учениците во училиштето и надвор од него и физичките активности: предавања, работилници, експериментирање. Потоа стекнување на вештини и методи релевантни во изучувањето на социјалните активности и воспоставување врски со физички активности за подобрување на вклученоста, интересот и концентрацијата за време на час. Преку различни  активности се учеше англиски и се развиваа комуникациски вештини во реални ситуации. Училиштето домаќин за учениците организираше квизови и работилници на темата. Исто така беа организирани екскурзии во кои се посетија градовите Лече и Отранто како и Алберобело, место ставено под заштита на УНЕСКО.