„Креативен ден 2026“, филмот како мода ја претвори сцената во визуелен спектакл

На 28 април 2026 година во Народниот театар Битола се одржа јубилејното петто издание на „Креативен ден 2026“, во организација на средното општинско училиште „Таки Даскало“ од Битола и “Божиловиќ продукција“.

Годинава темата „ФИЛМ“ ги претвори култните филмски приказни во моден израз. Инспирирани од Pretty Woman, Clash of the Titans, Sabrina, Malèna, Breakfast at Tiffany’s, Barbie, 101 Dalmatians, мјузиклот Hair, серијата Шербет од брусница… тимовите создадоа уникатни модни креации кои ги носеа познати дами, претворајќи ја ревијата во вистински спектакл.

Настанот започна со емотивен осврт кон првото издание „Креативен ден 2021“, од страна на г-ѓа Билјана Дамјановска која беше првата дама што ја отвори тогашната ревија, носејќи модел од тема „Коктел тоалети“.

Публиката уживаше и во музички настап на ученици од Средното музичко училиште, што дополнително ја збогати вечерта.

Повеќе од 30 тимови од девет средни училишта и девет градови се претставија пред публиката на овој уникатен едукативно-креативен моден настан. Младите дизајнери работеа рамо до рамо со професионални ментори, создавајќи креации што ги оживуваа дамите – нивни музи и носители на приказната.

Секоја дама носеше креација изработена специјално за неа, давајќи гласна и видлива поддршка на новата генерација модни креатори – потврда дека знаењата стекнати во стручното образование се веднаш применливи и значајни. Во модното дефиле учествуваа и професорките иницијатори на настанот: Ема Ќуќа, Живка Танушевска и Анита Стефановска професорки во текстилна струка – моден дизајн во СОУ Таки Даскало.

Во таа магична атмосфера, жените самоуверено продефилираа, носејќи модели што не беа само облека, туку приказни — раскажани преку форма, текстура и движење.

Зад оваа голема позитивна енергија стоeja и бројни ментори-дизајнери кои заедно со професорите од текстилните училиштата од Битола, Штип, Богданци, Скопје и Виница ја трансформираа сцената на НУ Театар Битола во впечатлива модна писта, каде креативноста на младите дизајнери оживеа преку безвременски филмски инспирации.

Како резултат на континуираната работа и развој, годинава за првпат беше доделено признанието „Искра“ — статуетка што ја слави енергијата, визијата и посветеноста на поединци кои оставаат траен белег во македонската модна сцена. Со ова признание, „Креативен ден“ им оддава почит на оние кои не само што создаваат, туку и инспирираат, охрабруваат и ја издигнуваат модата како култура и вредност во општеството.

„Креативен ден 2026“ уште еднаш потврди дека модата не е само облека — таа е став, вредност, платформа за соработка и моќна алатка за општествена трансформација.

Во продолжение уживајте во преубавите фотографии од настанот: