Еко акции во 2023 и 2024 година
Уредувањето на училишниот двор ја зголемува еколошката свест и поттикнува зголемување на мотивираноста за негово одржување
По Еко-стандард IV: „Уреден и еколошки двор“ се реализираа еко-активности на 08 и 13 март 2024 г. во училишниот двор на СОУ „Таки Даскало“. Организатор и реализатор на активностите беше Петар Ѓоргиевски, наставник по градежни стручни предмети, со учениците од градежно-геодетска струка. Главна цел на активностите е: уреден и функционален двор кој е во согласност со потребите за заштита на животната средина преку чистење на тревникот од суви лисја и друг органски отпад. Површината на предниот двор беше детално изгреблана, а отпадот соодветно депониран до блиските контејнери. Оваа активност е воведна, а во иднина ќе бидат преземени активности за додатно хортикултурно уредување.

ЕКОЛОШКИ ЕДУЦИРАНИ ГЕНЕРАЦИИ – „ПРОЕКТ ЗА ЗАЗЕЛЕНУВАЊЕ НА НАСТАВНИ ПЛАНОВИ И ПРОГРАМИ“
Високи температури во пролет, изгор лета, бури со силни електрични празнења, поплави, суши – климатските промени го менуваат нашето секојдневие. Затоа, еколошкото образование и климатската писменост стануваат „новото нормално“ за нашите деца. Експерти бараат промени во нашиот образовен систем, и во содржините и во пристапот. Со меѓународна поддршка веќе се спроведуваат проекти за искуствено учење од најмала возраст. Од БРО велат дека со новата концепција веќе се изготвени нови наставни програми коишто ќе придонесат за еколошки едуцирани генерации, подготвени за акција.
Оваа акција се проширува и во средното образование со проект помеѓу ЦСОО и УНИЦЕФ за период од декември 2023 до јули 2024 год. Во проектот ќе бидат вклучени активности за изработка на програми за содржини програмирани од училиштето за развивање на поголема свесност за загадувањето на животната средина.
Како надворешни соработници за стручна работа на Центарот за стручно образование и обука, од нашето училиште се вклучени тројца наставници во тимови за изработката на наставните програми, во кои земаат учество експерти од соодветната струка, експерти од областа на животна средина и стручни советници од Центарот за стручно образование и обука. Валентина Маневска е вклучена во тимот за секторот геологија, рударство и металургија, додека м-р Николче Јоновски и Миле Атанасоски за секторот графичарство.

Предавање „ЕКОЛОГИЈАТА И НИЕ“
Професорката Марина Островиќ од III Гимназија, Загреб, Хрватска во склоп на Еразмус акредитација (job shadowing) и СОУ „Таки Даскало“, одржаа низа активности. Покрај другите активности, на 27 април 2023 година се одржа предавање на тема „Екологијата и ние“ под менторство на д-р Флорида Кулевска, д-р Валентина Николовска, директорот Ристо Грујовски, помошниците директори Добре Босилковски и Даниела Митревска, психологот Славица Наумовска и учениците Емилија Крстевска IV 11, Ева Ѓоргиевска IV 11, Александар Јовановски II 12 и Анастасија Огненова II 12. Од целокупната активност произлегоа нови идеи за соработка во областа на екологијата помеѓу двете средни училишта во иднина.
