Успешни личности што работеле во СОУ „Таки Даскало“

БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ (1917-1996)

БОРИСЛАВ ТРАИКОВСКИ (1917-1996)  е еден од најмаркантните современи македонски сликари кој се јавува во почетокот на 50-тите години од минатиот век како експресионист и сликар кој негува слобода во изразувањето. Карактеристичен е по уникатниот колорит и експресивниот израз, црната контура, неговата приврзаност за Битола и посебната љубов кон сликарството. Борислав Траиковски е роден на 15 јуни 1917 година во Битола.

Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година ги прекина студиите и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947г. работеше како наставник во училиштата во Битола.

Во 1951г. Траиковски заврши Ликовна академија во Белград. Соглано податоците добиени од Факултетот за ликовни уметности во Белград тој е првиот македнски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. Во таа година дипломирале и Миле Корубин и Ристо Лозаноски.

За време на студиите на Траиковски му предавале секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ).

По 1951г.  тој се вратил во Скопје каде бил назначен за асистент на Архитектонскиот факултет по сликарство. Само по неколку денови престој во Скопје се вратил во Битола и изјавил „Доколку би се преселил на друго место и не би можел а го гледам синилото на БИТОЛСКОТО НЕБО, сигурен сум, БИ ПРЕСТАНАЛ ДА СЛИКАМ!.“

Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) бил примен 1952г., а во 1951г., бил одбиено неговото барање за членство.

Како член на ДЛУМ бил на студиско патување во Италија (1954). Во 1961г., добил стипендија од фондот „Моша Пијаде“ и бил на едногодишен престој во Париз.

По неговото враќање во Битола, бил вработен како професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола.

Траиковски е еден од најизразитите претставници на повоените македонски современи сликари, изразит експресионист, мајстор на бојата, доајен на битолското сликарство, прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначаните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски). Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело, Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември, награда на Општина Битола и многу други.

Траиковски е пионер во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училишта, на тој начин доближувајќи ја ликовната уметност до народот. Негови дела се наоѓаат скоро во сите музеи во Македонија, застапен е во Национлната колекција на РМ и постојаната поставка на Музејот на современа уметност во Скопје, во повеќе музеи во Европа и во бројни приватни колекции и збирки. Во 1995г. на иницијатива на академикот и сликар Глигор Чемерски снимен е документариот филм на МРВ „Насмевката на сликарот“. Почина во Битола на 11 октомври 1996г.

Во 2002 година во организација на Друштвото за наука и уметност, сега Македонското научно друштво, НУ Завод и Музеј Битола и Друштвото на ликовни уметници Битола беше организиран научен симпозиум на тема „Борислав Траиковски – живот и работа“, а во  2003 година во НУ Национална Галерија на РМ, Чифте Амам во Скопје се организираше ретроспективна исложба и се издаде каталог со текст на Лиљана Христова, историчар на уметност.

Во 2006г. во Битола, во негова чест е воведена наградата „Борислав Траиковски“ која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ.

Во Музејот во Битола е изложен еден дел од неговото ателје и дел од неговите дела во рамки на делот „Спомен атеље Борислав Траиковски“.

По повод 100 години од неговото раѓање издадена е екслузивна монографија со текст на д-р Љубен Пауновски во која се репродуцирани повеќе од 250 негови слики, а во 2017 година по истиот повoд во НУ Куќа на легатите лоцирана на главната улица во  Белград, Принцезата Јелисавета Караџорџевиќ отвори негова изложба.