ОДБЕЛЕЖАН ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК НА СОУ “ТАКИ ДАСКАЛО“

Делегација, предводена од директорот на СОУ “Таки Даскало“ – Битола, Владо Ѓорѓиевски, го одбележа патрониот празник на училиштето, 3 мај. Најпрво, беше положено свежо цвеќе на бистата на Таки Даскало на градското шеталиште, а потоа и на споменикот посветен на паднатите борци, во селото Ореово.

На денешен ден 3 мај 1942 година беше ликвидиран остатокот на партизанскиот одред “Пелистер“, при што во борбата со бугарските воено-полициски сили, животот ќе го загубат шест партизани и партизанки, меѓу кои и политичкиот комесар на одредот  Димитар  Николовски – Таки Даскало, со што му се зададе голем удар на Народноослободителното и антифашистичко движење во Битола и Битолско. Но, херојската смрт на партизаните меѓу кои и на Таки Даскало беше потстрек за уште повеќе да се разгори вооружената антифашистичка борба.

Инаку, во рамките на одбележувањето на патронатот, во просториите на училиштето и беше доделена награда на ученичката Емилија Крстевска, од I – 12 паралелка, билингвална гимназија, за нејзиниот успех што го постигна да добие целосна стипендија за школување во Соединетите Американски Држави, преку програмата Кенеди-Лугар, за размена и учење за млади, преку која учениците имаат можност да престојуваат и учат во САД. По долг процес на селекција, Емилија Крстевска доби можност да биде избрана да престојува во државата Вашингтон во учебната 2020/21 година. Исто така, Емилија Крстевска, која е ученичка во првата генерација ученици на англиско-македонска билингвална паралелка во СОУ “Таки Даскало“, го освои првото место и на државниот натпревар за есеј на англиски јазик, на тема “Волонтерство“, во конкуренција на неколку стотици есеи од Македонија, а е и учесник во неколку Еразмус плус проекти, во чии рамки активно го користи англискиот јазик и има запознаено многу пријатели од бројни држави во светот.

Одбележувањето на патронатот  оваа година беше скромно и симболично со оглед на актуелната ситуација со пандемијата на корона вирусот, и со почитување на сите мерки на Владата за дистанца и заштита.

 

Date

May 3, 2020

Category

Активности